Кожата на новороденото е тенка,мека,кадифеста и розева веднаш по раѓањето.Зависно од зрелоста на новороденото кожата е помалку или повеќе прекриена со беличест сирест намаз наречен верникс. Кај недоносените кожата која е многу тенка е прекриена со поголеми количини на верникс, а пренесените немаат верникс, но затоа имаат сува перутава кожа која се лупи на дланките и табаните.Други физиолошки појави освен присуството на верникс и десквамација на кожата на новородените можат да бидат:
1.Хематоми и петехии по кожата (заради притисокот на родилните патишта на новороденото)
2.Макуларен хемангион (проширени крвни садови) кој се наоѓа најчесто во окципиталниот предел на главата, на очните капаци, коренот на носот и спонтано се губи до крајот на првата година.
3.Милии-ситни бели точки на носот, брадата, образите кои спонтано поминуваат во тек на прв месец.
4.Монголска пега или темносина пребоеност на кожата во пределот на тртната коска и се јавува кај потемно обоена популација.
5.Присуство на лануго влакненца (ситни, меки влакненца) најчесто по грбот и челото кои обично спонтано паѓаат кон крајот на првиот месец.
6.Физиолошко црвенило на кожата на новороденото ( хиперемија на капиларите) која се јавува како реакција на дразбите од надворешната средина. Оваа промена се губи за 12 до 24 часа по раѓањето.
Заради големата површина и директниот контакт со надворешната средина, можноста за појава на разни патолошки промени на кожата е многу голема.
Кожата природно сама се брани од разни нечистотии преку процесите на регенерација.
На регенеративните супстанции кои се лачат од клетките на кожата за да можат да делуваат потребна им е водена средина , па кожата синтетизира гама-линолеинска киселина која не дозволува испарување на водата од површинските слоеви на кожата и спречува продор на разни нечистотии од надвор.
Меѓутоа поедини хемикалии кои се составен дел од средствата за капење или од загадениот воздух „ја разложуваат” кожата, посебно кога не е доволно негувана или ако постои генетски ензимски дефицит во синтеза на кожната бариера.
– Здравата кожа треба секојдневно да се капи со топла вода и беби сапун или шампон.После тоа се мачка со заштитен бебешки крем на сите делови на телото изложени на дејство на урината и столицата како и сите прегиби на кожата подложни на оштетување (околу вратот, под пазувите). Останатите делови од кожата се мачкаат ако таа е склона кон сушење од различни влијанија, а на нормалната кожа не и се потребни креми за нега.
- Примената на влажни марамици да се сведе на минимум, посебно оние кои содржат алкохол и парфеми.
- Да се избегнуваат бебешки пудри за нега на кожата.
- Да не се затоплува прекумерно новороденото.
- Да не се изложува на директни сончеви зраци.
Кај нагласено чувствителна кожа кај некои од новородените може да се користат емолиентни креми кои делуваат смирувачки и не ја оштетувваат природната бариера.
- При појава на пеленски дерматитис- црвенило и иритирана кожа во пределот на пелените треба да се подобри локалната хигиена, почесто менување на пелените, миење со топла вода, по потреба да се аплицира цинк оксидна крема.
- Кај себороичниот дерматитис кој се манифестира со жолти, дебели скрами на главата потребно е секојдневно миење на главата со шампон, испирање со топла вода и чешлање со густ чешел по потреба премачкување со бебешки масла.
- Рана појава на атописки дерматитис-црвенило и ситен осип со јадеж кој обично почнува на образите или вратот. Се прати понатамошниот тек на промените и новороденото се третира според принципите за нега пропишани од матичен педијатар.